Македонската сениорска репрезентација по подолго време е одново на собир и ќе игра два пријателски меча со Јапонија во рамките на ЕХФ неделата.
Капитенот Филип Кузмановски вели дека оваа репрезентација сите треба да ја сфатат сериозно и дека има што да покаже.
„По подолг период пак сме сите заедно и тоа ме радува. Ќе се подготвуваме за мисијата Европско првенство. Секој собир има некоја цел. Сега е прв ден, уште не сме разговарале, но ќе се подготвуваме за дуелите со Јапонија. Нашата цел на овој собир е добра подготовка за континенталниот собир што следува во Данска. Оваа Македонија на секое следно првенство оди напред. Младите играчи минаа долго време заедно и сите созреваат во лидери на своите екипи. Оваа Македонија сите треба да ја сфатат сериозно, имаме многу квалитетни играчи и веруваме во системот. Имаме што треба да покажеме, а главното е како треба да се игра за Македонија“, изјави Кузмановски.
Првиот меч со Јапонија е од затворен тип на 30 октомври во Автокоманда во Скопје, додека оној на 1 ноември што ќе биде отворен за јавноста ќе се игра во Куманово од 16:00 часот.

























