Кузмановски: Најважно е да ја победиме Романија – друг нека биде МВП!

Капитенот на Македонија, Филип Кузмановски, имаше фантастична партија на мечот со Португалија и даде 15 голови!

Тој не го криеше задоволството од новиот квалитет во играта на Македонија и камбекот по високата негатива.

„Имаме многу играчи со богато искуство на големите натпреварувања, што имаат важни улоги во своите клубови во македонската лига, но и во европските купови, позрели се, добро се познаваме, подолго време сме сите заедно во репрезентацијата и тоа доаѓа до израз. Треба да сме среќни, покажуваме квалитет, и тоа не по 10-15 минути, туку како вчера против Португалија, 60 минути квалитетен ракомет со тој ритам на игра и тоа темпо. Ние имаме квалитет, нема да застанеме овде, да бидеме уште подобри на секој натпревар, на секое првенство“, вели Кузмановски.

Следен ривал на Македонија ќе биде Романија, на кој ни е неопходна победа ако сакаме нешто повеќе.

„Сите прават математики околу пласманот во следната фаза. Сакам да порачам до моите соиграчи, да веруваат. Ќе бидеме среќни и со победа, а доколку ни се укаже добра шанса, ќе настојуваме да победиме и со поголема разлика. Романија е квалитетна репрезентација и нивен таргет е Македонија. Ако повториме тоа што беше добро со Португалија, нашата победа е загарантирана. Треба да влеземе со ладни глави, со мирно, 60 минути фокус на нашата игра, тоа што е договорено и на крај да се радуваме“, вели Кузмановски.

Тој смета дека важната улога на играчите во клубовите, се пренесува и во националниот тим.

„Со играта во клубовите, самодовербата расте. Со многу дерби дуели навистина стекнуваше самодоверба. Треба да веруваме повеќе во нас. Треба да го смениме менталитет. Можеби на пет разлика тоа делуваше дека немаме шанси да се вратиме, но покажувме дека можеме. На пријателските во Швајцарија исто така губевме, па се враќавме во егал. Повеќе веруваме, и позрели сме. Сите играчи тоа го покажуваат на теренот. Можеби ни фалеше среќа за победа со Португалија“, продолжи Кузмановски.

Капитенот ја потенцираше добрата одбрана на чело со Томовски.

„Некои работи се забораваат по таа еуфорија како голманските интервенции. Мора да има пофални зборови и за целата одбрана, иако имавме проблеми со Џонов, Петар, Маркоски…не беше лесно, ама најдовме решение кога се кршеше резултатот. Сите се бореа еден за друг. Штета што не ги искористивме одбраните на Томовски за да победиме“, вели капитенот.

Тој е скромен и вели дека најважно е да се победи Романија, а не е важно кој ќе биде МВП.

„Сакам да победиме за Македонија, затоа што ова ЕП треба да го паметиме треба да одиме напред. Тешко е да се повтори таква партија, вчера имав одличен ден, благодарен сум на соиграчите кои ми помогнаа во тоа, посакувам утре некој друг да биде лидер и МВП, да ни помогне за на крај да се радуваме на победа. Во сите играчи има квалитет утре да одиграме пред се тимска игра. Таа нека победи утре“, заврши Кузмановски.

Македонија и Романија утре ќе играат од 18:00 часот во „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг.