Машката ракометна репрезентација на Македонија денеска ги започна подготовките за двомечот со Словенија во рамки на квалификациите за Европското првенство 2026.
Двете репрезентации најпрво ќе се сретнат во Скопје, а второто соочување ќе го имаат во Копер.
Лидерот на националниот тим, Филип Кузмановски, зборуваше за квалитетот на противникот и важноста на натпреварите.
,,Словенија е еден квалитетен ривал, сите знаеме со какви играчи располага нивната репрезентација и колку ќе ни значи овој натпревар. Играме на домашен терен, салата ќе биде целосно исполнета, а тоа за нас е дополнителна мотивација. Тоа го покажавме и на претходните квалификациски натпревари, како против Фарски Острови. Македонија и народот веруваат во нас, гледате една млада и борбена екипа, а тоа го докажавме и на Светското првенство. Уште имам чувство како да сме на првенство – имаме голема мотивација. Знаеме колку значеше нашето учество и колку добро се боревме на СП, а и колку треба во иднина да се докажеме. Мислам дека повторно ќе се покажеме во добро светло и посакувам победа над Словенија во Скопје.“
Битолчанецот вели дека учеството на ЕП ќе биде од голема важност за помладите играчи.
,,По Светското првенство пораснавме многу играчите. Со поголема самодоверба ќе го пречекаме ривалот. Долго време играме заедно и добро се познаваме. Плус едно првенство во нашите нозе ќе ни значи многу, посебно на младите играчи. Треба да го потврдиме тоа, иако веќе СП е минато. Веруваме во нас, имаме млада екипа со многу квалитетни ракометари, кои имаат главна улога во своите клубови. Тоа беше нашиот адут во Вараждин, бевме конкурентни со секоја репрезентација, сите играчи одиграа значајна улога и придонесоа за нашиот добар резултат.“
Кузмановски прецизираше дека Словенија е квалитетна репрезентација, но ќе биде анализирана до секој детал.
„Имаме три до четири дена за детална анализа и максимално ќе се подготвиме. Додека бевме на Светското првенство, немавме многу време за длабински анализи поради густ распоред, но сега ќе се фокусираме на секој детал. Знаеме дека Словенија се бореше многу добро на Олимписките игри. Како што веќе реков, за нив не треба многу да се трошат зборови – тие се квалитетна репрезентација, постојано учествуваат на големите натпреварувања и секогаш во борба за медал”.
Македонија и Словенија првиот меч ќе го одиграат во Скопје на 12 март во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:00 часот, додека втората средба е во Копер на 16 март во „Бонифика“ со почеток во 18:30 часот.
Сениорите од денеска на собир, стартува мисијата „Словенија“
Петар Атанасијевиќ отпадна од комбинација, Лазаров повика нов ракометар