Кузмановски: Максимално сме подготвени да одговориме на предизвикот ЕП

Maкедонија го освои второто место на турнирот во Винтертур, откако ремизираше со Швајцарија, 28-28, па поради подобра гол-разлика домаќините се најдоа на првото место.

Капитенот Филип Кузмановски им се заблагодари на соиграчите за нивниот настап и им ја препиша заслугата за МВП титулата на овој турнир.

Кузмановски даде 17 гола и беше ударната игла во македонскиот напад.

„Сакам да им се заблагодарам на моите соиграчите за борбеноста на овој турнир, мислам дека тие се најзаслужни за мојата награда. Нашите цели што ги одредивме пред почетокот на турнирот ги исполнивме. Формата ни расте, а имаме доволно време да се подготвиме за тоа што не очекува на Европското првенство во Данска“, вели Кузмановски.

Тој вели дека и покрај позитивните резултати во Винтертур, некои детали треба да се коригираат.

„Некои детали ќе треба да се поправат пред стартот на шампионатот. Се обидовме со некои формации во одбраната. Имаме и некои новости како ќе им парираме на противниците, ама клучна треба да ни биде одбраната. Треба да бидеме борбени, да играме еден за друг како што одигравме во второто полувреме со Украина и во дуелот со Швајцарија. Наш адут треба да бидат нападите од полуконтрата. Оваа репрезентација треба да трча, мислам дека сме максимално подготвени и ќе одговориме на предизвикот“, заврши Кузмановски.

Македонија утре патува за Данска, а настапот на ЕП го почнува против домаќинот на 16 јануари.