Maкедонскиот првак Еурофарм Пелистер утре против Загреб го започнува третиот по ред настап во Лигата на шампионите.
Капитенот на битолчани, Филип Кузмановски, е среќен што екипата ќе биде во најсилниот состав за дуелот со хрватскиот првак.
„Среќен сум што ќе го пречкаме Загреб со најдобриот состав. Имавме неколку повредени ракометари кои изостанаа за пријателските натпревари и Супер Купот. Сега сите сме спремни и ќе го пречекаме Загреб. Лигата на шампионите сама по себе е голем мотив и ние ја заслуживме по ланската сезона. Максимално сме мотивирани, знам дека ќе имаме помош од нашите навивачи и очекувам полна сала“, вели Кузмановски.
Тој ги знае квалитетите на Загреб.
„Максимално се подготвуваме и го респектираме Загреб. Не треба да зборуваме за историјата на Загреб, мотивирани сме и сакаме со позитивен резултат да ја почнеме Лигата на шампионите. Загреб има искусни ракометари. Со Игор Карачиќ добија многу во нападот. Тој ќе ги спои бековите, искусен е, поминал многу и знае како се игра на Балканот. Сигурно ќе биде мотивиран заради неговото минато со Вардар, клуб со кој ја освои Лигата на шампионите. Сепак, нашиот фокус е на нашата игра, нашата одбрана. Мислам дека сезонава ќе бидеме многу посилни, засилувањата добро се вклопија и изградивме добар систем. Имаме позитивна атмосфера и мислам дека тоа ќе биде клучот за наш успех во среда“, заврши Кузмановски.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Загреб ќе се игра во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.