Кузмановски: Eурофарм Пелистер секогаш има највисоки цели, плеј-офот ќе биде неизвесен до крај!

Актуелниот македонски шампион Еурофарм Пелистер имаше победнички старт на плеј-офот пред две недели во Кавадарци, а сега го очекува главниот дел од разигрувањето за титулата.

Во Битола доаѓа најголемиот ривал Вардар, кој е лидер на табелата со 44 бодови, а пелистерци имаат 40 на втората позиција.

Капитенот Филип Кузмановски вели дека Еурофарм Пелистер секогаш има највисоки цели, но дека треба да се биде максимално фокусиран на секој меч од плеј-офот.

„Треба да бидеме фокусирани максимално затоа што влегуваме во плеј-офот како шампиони, а плус ќе ни биде искуството оваа сезона од Лигата на шампионите. Со нов тренер и со повеќе сили сме позрели како екипа и тоа го покажуваме на секој следен натпревар. За плеј-офот не треба многу да се зборува, има многу квалитетни екипи, секој меч ќе биде вистинско дерби. Никогаш не треба да се отпише ниту една екипа. Сите кога играат против Еурофарм Пелистер, имаат дополнителна мотивација затоа што ние сме шампиони, но ние веруваме во нашата екипа, треба бидеме максимално фокусирани. Ние како и лани, влегуваме со исти амбиции, за градот, за клубот, за сите играчи, затоа што заслужуваме. Фокусот е на нас, а не на противникот. Очекуваме неизвесно првенство до самиот крај. Не треба никој да потценуваме, сите се засилија, ова ќе биде најинтересниот плеј-оф досега во македонскиот шампионат“, изјави Кузмановски.

По триумфот во Кавадарци, Вардар доаѓа во Битола кај актуелните шампиони на Македонија. Ако Еурофарм Пелистер слави, негативата ќе биде само два бода меѓу двете екипи и ќе биде многу интересно до крајот.

„Нема калкулации, одиме на победа против Вардар. Нашата публика заслужува да се радува, ние заслужуваме да не бодрат, а тие да бидат нашиот осми играч. Треба да веруваат во нас како и досега, со заеднички сили да оствариме тоа што го имаме зацртано, а Еурофарм Пелистер секогаш има највисоки цели, во тоа веруваме и кон тоа тежнееме и сакаме да го оствариме“, продолжи Кузмановски.

Битолската публика во многу наврати знае да биде клучна во победите на шампионот.

„Не треба специјален повик, нашата публика досега многупати има докажано дека го сака ракометот и дека е тука за нас, за неколку минути се распродава салата, без разлика со кој ривал играме. Битолската публика разбира ракомет и многу го сака. Без да ги потценам другите спортови, ракометот е спорт број еден во нашиот град. Тоа беше докажано и во Лигата на шампионите. Ако сакаме да ја надоместиме негативата од четири бода во плеј-офот, мора да ја имаме нивната поддршка.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар се игра утре во салата „Боро Чурлевски“ со почеток од 19:00 часот.