Кузмановски: Еурофарм Пелистер покажа заедништво и заслужено го освои Супер Kупот

Капитенот на Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски, по враќањето во составот поради здравствени проблеми, одигра клучна улога во освојувањето на Суперкупот на Македонија 2025, каде неговиот тим славеше против Вардар со 28-27.

„Среќен сум што успеав да се вратам и да бидам дел од овој важен натпревар. Суперкупот е дуел кој доликува на двете најдобри македонски екипи. Имав вирус на турнирот во Охрид, но најважно беше сите играчи да се вклопиме и да настапиме како тим. Мислам дека покажавме големо заедништво, а тоа е клучот за нашиот успех“, изјави Кузмановски.

Тој истакна дека континуитетот од минатата сезона и довербата во постојниот ростер донеле дополнителна стабилност и сигурност во играта:

„Старите играчи кои останаа ни даваат стабилност, а заедно со новите сили верувам дека во моментов сме подобри од претходно. Вардар е секогаш тежок противник, но покажавме дека можеме да играме на највисоко ниво.“

Капитенот се заблагодари и на навивачите за нивната огромна поддршка:

„Нашите навивачи се секогаш со нас. Нивната поддршка е неизмерна и многу значи за тимот. Благодарност за сè што прават за нас.“

Кузмановски најави и дека тимот веднаш се префрла на новите предизвици:

„Не чека натпревар во домашното првенство против Бутел, а потоа гостуваме во Загреб. Сигурен сум дека ќе имаме полна сала во Лигата на шампионите, бидејќи Еурофарм Пелистер тоа го заслужува.“

Со оваа победа, Еурофарм Пелистер ја започна сезоната со трофеј и покажа дека и оваа година има амбиции за високи дострели на сите фронтови.