Кузмановски даде 13 гола, Еурофарм Пелистер делеше лекции во Велес

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер ја забележа третата победа во третиот натпревар од новата сезона во Супер лигата, откако според очекувањата лесно славеше во Велес кај новиот член на елитата, Бисинов, со 41-21. Предводник на битолчани беше Филип Кузмановски кој даде 13 гола од 13 обиди.

Победникот беше решен уште по првото полувреме, кога Кузмановски и Радивојевиќ го полнеа голот на „овоштарите“, отворија со 6-1, а Митревски беше одличен на гостинскиот гол и предноста на пелистерци беше плус 11.

Згора на се домашните останаа и без еден од најдобрите ракометари, Тоше Ончев, кој доби црвен картон по еден старт над Филип Кузмановски во 15 минута игра, па велешани мораа да се снаоѓаат без него во продолжение од мечот.

Техничките грешки на велешани беа лесно казнувани со голови од контранапади, а тие постигна само два гола во последните десетина минути од првото полувреме. За разлика од нив битолчани реализираа седум пати за 20-9.

Во второто полувреме тренерот Бранко Анеловски комплетно ја смени поставата на теренот, ги внесе во игра Борзаш, Ивиќ, Ристевски, Петровиќ…но тоа ништо не промени во односот на силите на теренот.

Напротив разликата во квалитетот беше уште поевидентна, предноста во корист на шампионот само растеше. Покрај капитенот Кузмановски со 13 гола, во редовите на битолчани, шест гола даде Радивојевиќ, додека голманите Митревски и Ивиќ комбинираа 14 одбрани. Во домашниот состав се истакна Ивица Илиев со осум гола.