Кузманоски: Резултатски не беше добро, но задоволен сум од енергијата, желбата и посветеноста

Машката кадетска репрезентација на Македонија го заврши настапот на Европскиот олимписки фестивал на последното место.

По поразите во групната фаза од силните селекции на Хрватска, Шпанија и Исланд, од кои две беа на подиумот, најблиску до позитивен резултат бевме против Португалија, а долго време избраниците на Горан Кузманоски беа во игра и на мечот со Норвешка.

Селекторот Горан Кузманоски направи резиме на настапот и потенцираше дека неговите момци сфатија дека ќе треба уште повеќе да работат за да се искачат едно ниво погоре.

„Резултатски не е добро ако зборуваме генерално за целиот турнир. Секогаш се стремиме да одиме на победа, без разлика против кој играме. Едно е факт, дека за нас ова беше големо искуство, претходно немавме можност за вакви собири и натпревари, а тоа се виде на дел од натпреварите кога бевме во грч. На последниот меч со Норвешка веќе бевме истрошени, пет натпревари со квалитетни ривали во седум дена, иако тоа не е никакво оправдување. Генерално, сакам да ги пофалам играчите, минавме подолго време заедно, иако овие подготовки не беа само за ЕМОФ, туку и за наредните предизвици. Ракометарите видоа дека сите овие ривали се едно скалило понапред, ова беше силно натпреварување, повеќето имаат доста натпревари зад себе. Но генерално, надвор од резултатите, сум задоволен од енергијата, желбата, посветеноста и професионализмот што го пружија сите момци. Со напорна работа во клубовите, со поголема самодоверба, ќе мораат дупло да работат за да бидат чекор поблиску до оваа седморка што играше во Скопје. Планирани неколку собири до крајот на октомври и квалификациите за ЕП 2026, ќе ги следиме заедно сите момци со Митко Стоилов и Филип Миркуловски“, вели Кузманоски.

Тој потенцира дека мора да имаме балансиран состав во кој ќе играат сите ракометари од клупата.

„Поради ограничениот ростер од 15 ракометари за ЕМОФ, дел од репрезентативците не беа со нас, ова не е затворен ростер. Сега вниманието ќе ни биде насочено кон квалификациите и натпреварите со Луксембург, Грција и Финска. Она што сакам да го потенцирам дека оваа репрезентација нема лидер, тоа мора да го знаеме сите, а јас им го потенцирав и на играчите. Мораме да имаме ростер во кој ќе играат сите, само така може да направиме успех. Со само седум играчи тешко дека ќе напредуваме“, продолжи Кузманоски.

Селекторот вели дека во главата има уште 10-15 репрезентативци кои може да бидат во комбинација за составот што ќе се бори за пласман на ЕП во октомври.

„Имавме проблеми со повреди пред овој собир. Поради лични причини не беше со нас Стефан Ѓорѓиески од Струга, се повреди пред ЕМОФ десниот бек Димитар Симовски. На пивотменската позиција имаме и други играчи во комбинација, исто така и Давор Крстески се повреди пред кратењето на списокот. Имам во главата 25 до 30 ракометари кои можат во секое време да влезат на списокот. Посакувам сите да бидат здрави до стартот на квалификациите. Видов дека дел од ракометарите сакаа индивидуално да се докажуваат, но мора да сфатиме дека сите сме исти и мора да играме колективно. Ако се изземе последниот меч со Норвешка, тогаш можам да кажам дека одбраната ја краси оваа репрезентација, сите играат заеднички и сплотени се мотивираа. Позитивна работа е што во соблекувалната, иако се првпат заедно, имаше енергија и другарство меѓу нив. Недисциплината во играта треба јас и моите асистенти да ја искорениме, тоа е до нас, тоа треба да го укажуваме ние. Заедно мора да работиме за да стигнеме до успех“, заврши Кузманоски.

Квалификациите за ЕП 2026 ќе се играат во октомври, а ривали на Македонија ќе и бидат домаќинот Луксембург, Финска и Грција. Прво и второпласираната селекција во групата ќе обезбеди место на кадетското ЕП во Србија.