Кузманоски пред Еурофарм Пелистер 2: Мора да бидеме фокусирани во одбраната

Бутел Скопје денеска гостува кај Еурофарм Пелистер 2 во Битола во важен натпревар за двете екипи во борбата за плеј-оф.

Младите пелистерци имаат 14 бодови на седмото место, додека бутелци се на шестата позиција, последна која води во плеј-офот со 15 бодови. Која екипа ќе победи, ќе направи голем чекор напред кон место во разигрувањето за титулата.

Тренерот на Бутел Скопје, Горан Кузманоски, вели дека главниот фокус треба да биде во одбраната.

„Ако ја погледнеме табелата, ќе видиме дека оваа средба ќе биде од големо значење. Директен дуел на две екипи на кои целта им е плеј-оф. Да се фокусираме во одбраната, затоа што знаеме дека домашниот тим има добра бековска линија и најголемата опасност доаѓа од таму, а имаат и искусен голман“, вели Кузманоски.

На првиот меч, Бутел Скопје славеше убедливо против Еурофарм Пелистер 2, но Кузманоски смета дека овој ќе биде различен.

„Сосема друг натпревар ќе биде овој, затоа ќе биде многу важно која екипа ќе биде подобро психолошки подготвена. Првата средба заврши во наша корист, но тоа не значи дека сме фаворити“, продолжи Кузманоски.

Бутел Скопје ја продолжува трката за плеј-оф, каде што секогаш играше во клупската историја.

„Генерално планираните бодови ги освоивме, ако го изземеме нерешениот исход со Пролет на домашен терен. Ако погледнеме статистички во гол-разлика играме квалитетно оваа сезона со сите ривали, со исклучок на мечот во Прилеп каде што бевме тотално дефокусирани. Останува да ги завршиме овие три кола што ни преостануваат есенва, а во пролетниот дел ќе размислуваме за нашите цели“, заврши Кузманоски.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Бутел Скопје се игра во салата „Боро Чурлевски“ со почеток од 18:00 часот.