Кадетската ракометна репрезентација на Македонија го одржа првиот собир пред заминувањето во Луксембург, каде што од 31 октомври до 2 ноември ќе ги одигра натпреварите од квалификациите за ЕХФ Европското првенство 2026.
Избраниците на селекторот Горан Кузманоски ќе бидат дел од групата Д, заедно со репрезентациите на Грција, Финска и домаќинот Луксембург. Двете најдобри селекции ќе обезбедат пласман на Европското првенство. Кузманоски ќе смета на 18 ракометари, сите од домашното првенство, а во споредба со ЕМОФ ќе ги нема двајцата интернационалци, Андреја Угреновиќ и Милош Стојановиќ.
Подготвувајќи се овие квалификации претходните месеци репрезентацијата настапи на турнирот „Марко Божиновски“ во Скопје, на младинските игри и плус на турнирот „Трофеј Карпати“.
„Ова се најважните квалификации за оваа генерација. Мораме да го скршиме мразот и да воспоставиме континуитет. Сите сме свесни колку значи пласманот на едно Европско првенство – и јас, и играчите, и целиот стручен штаб“, изјави селекторот Кузманоски.
Тој нагласи дека подготовките во текот на летото и настапот на турнирот „Карпати“ биле од голема корист за тимот.
„Оваа генерација нема изразен лидер, но има колектив и тимска хемија. Имаме по неколку квалитетни играчи на секоја позиција, што ја прави селекцијата балансирана. Формата беше главен критериум за конечниот избор.“
Според распоредот во петок играме со Финска, во сабота со Грција и на крај со домаќинот Луксембург. Селекторот додаде дека првиот натпревар против Финска ќе биде најважен.
„Имаме доста информации за нив – имаат континуитет, веќе одиграле турнири и пријателски натпревари. Грција ќе биде најтежок противник, вложуваат многу во младите категории, додека за Луксембург имаме помалку информации, но сè зависи од нас – физички, тактички и психолошки, вели Кузманоски.
Кузманоски избра за квалификациите – еве кои ракометари ќе се борат за ЕП!


























