Кузманоски: На ЕП нема да одиме како туристи

Машката кадетска репрезентација на Македонија се пласираше на Европското првенство во Србија откако славеше против Луксембург со 25-17, а претходно ја победи Финска со 36-29 и загуби од Грција со 32-31, но и тоа беше доволно за првото место на квалификацискиот турнир.

Селекторот Горан Кузманоски направи кратко резиме на одиграното досега и вели дека и покрај едниот пораз е задоволен од постигнатото и пласманот на ЕП.

„Прво да им честитам на моите играчи за овој турнир на кој го оставија срцето на терен, иако можеби во некои моменти не игравме според посакуваното. На крајот бевме доста дисциплинирани и кога требаше резултатски бевме како што треба. Честитки и за мојот стручен штаб, знаете ако немаше добар стручен штаб околу тешко се доаѓа до успеси. Групата навидум не изгледаше квалитетна по имиња, но морам да кажам дека првиот меч со Финска го одигравме доста добро, иако ривалот има одлична генерација и преферира скандинавски брз ракомет. Можеби изгледаше дека победивме лесно, не беше така. Финска заслужено го освои второто место. Вториот дуел со Грција беше поразличен од првиот, играат нетипична одбрана 3-3, агресивна, можеби не изненадија, па се истрчувавме во напад и паднавме во последните минути во одбраната на договорени работи. Имавме и контра за реми, но не дадовме гол и на крај загубивме. Против Луксембург моравме да се кренеме психолошки, можеби одигравме најдобро во одбрана кога најмногу требаше, во последните петнаесетина минути примивме само два гола. Имавме глава во нападот и заслужено сме први во групата и среќен сум што изборивме пласман на ЕП“, изјави Кузманоски.

Селекторот откри за непријатната ситуација што се случи во македонската делегација пред патувањето за Луксембург, па мораше еден од играчите да остане во Скопје.

„Овде ни фалеше играчот на Пролет, пикерот Ѓорѓи Лешникоски. Неколку часа пред заминување за Луксембург тој отпадна од комбинација, бидејќи неговиот татко почина. Ѓорѓи не испрати во Луксембург и ни рече да се вратиме со пласман на ЕП. Бевме сите растревожени, но имавме мотив плус. Можеби и затоа беше грчот на стартот против Финска, која ја наттрчавме. Јас сум незадоволен само од дуелот со Грција, бидејќи ни фалеше агресивноста во одбраната во финишот, додека на третиот меч бевме сигурно во текот на мечот. Имаше падни-стани ситуации, се работи за млади играчи, но овие натпревари се големо искуство за моите момци. Одлично ни дојде настапот на подготовките пред ЕМОФ, потоа и настапот на ЕМОФ, па настапот на „Трофеј Карпати“ што ни го овозможи РФМ. Се гледа напредок од моментот кога почнавме, но за да бидеме на повисоко ниво и во чекор со најдобрите, блиску со сите, играчите мора да работат и индивидуално, но и во клубовите. Сигурно нема да одиме како туристи на ЕП, таму отидеме да направиме што повисок пласман и сметам дека заслужуваме. Сметам дека ова беше малку потешко во квалификациите, таму на ЕП ќе бидеме порастоварени и подобро подготвени бидејќи ќе имаме повеќе време“, заврши Кузманоски.

Македонија ќе ги дознае ривалите во групната фаза на ЕП 2026 на почетокот на следната година, а континенталниот собир ќе се игра во соседна Србија.

Македонија се пласираше на ЕП 2026 во Србија!