Kузманоски: Имаме искусен ривал, но одиме на позитивен резултат уште на првиот меч

Тимот на Бутел Скопје се враќа на меѓународна сцена и ќе се обиде во четвртиот обид да помине едно коло во европските купови.

Бутел Скопје за прв ривал го има составот на Дуделанж од Луксембург, тим со традиција и повеќекратен првак на оваа земја.

Тренерот Горан Кузманоски е внимателен пред двомечот со Дуделанж.

„Дуделанж е една од најдобрите екипи во Луксембург, клуб со голема традиција. Голем број од играчите настапуваат за репрезентацијата, тоа говори дека се искусна екипа. Дуделанж оваа сезона има промена на тренерската позиција, имаат искусен голман репрезентативец, а најголемата опасност доаѓа од браќата Етуте кои се главен фактор во екипата. Направивме анализа и ќе одиграме максимално на овој прв меч, без разлика што сме на гостински терен, нема зошто да калкулираме со резултатот“, вели Кузманоски.

Бутел досега бил елиминиран од украинскиот ЗТР Запорожје, унгарскиот Ѓенѓеш и австрискиот Алпла Хард, па ќе испише историја во Европа ако го мине првото коло.

„Тоа ќе биде мотив плус. Да го поминеме првото коло и да направиме чекор плус со оваа млада екипа во европските купови. Пред се ќе биде и големо искуство за поголемиот дел од играчите“, вели Кузманоски.

Бутел играше со Вардар, како и на два турнири во Струга и Прилеп пред стартот на сезоната, па стратегот имаше можност да ги види квалитетите на новите играчи.

„Подготовките минаа добор, одигравме два турнири, видов некои работи и сигурно го подигнавме нивото на екипата. Полека добиваме играчи што ќе имаат улога во првата екипа, како Петар Николоски кој со 16 години одлично ја користи дадената шанса, Давид Гришикашвили кој за брзо време се вклопи во екипата, плус играчите од младинскиот погон кои добиваат се поголема минутажа“, продолжи Кузманоски.

На овој натпревар нема да настапат капитенот Димитар Ѓеоргиевски поради болест, како и најновото засилување Рио Козакаи, па Кузманоски ќе има ослабен ростер.

„Ќе настапиме без капитенот и лидерот на екипата Димитар Ѓеоргиевски и без јапонскиот интернационалец Рио Козакаи, тоа ќе биде хендикеп за нас, но сепак одиме на позитивен резултат“, заврши Кузманоски.

Натпреварот меѓу Дуделанж и Бутел Скопје се игра вечерва со почеток од 18:00 часот, додека реваншот е следната сабота во СЦ „Јане Сандански“.

ПОЗНАТИ СОСТАВИТЕ: Бутел Скопје без капитенот Ѓеоргиевски и без Козакаи против Дуделанж

📷 Бутелци тренираа во Луксембург – денеска ги чека првата европска битка