Кузманоски: Добро ќе ни дојде овој голем настан за да видиме до каде сме

Машката кадетска репрезентација ја очекува настап на Европскиот младински олимписки фестивал, кој од 21 до 26 јули ќе се одржи во Скопје.

Кадетите веќе играа на меморијалниот турнир „Марко Божиновски“ и имаа повеќе проверки пред настапот на овој настан. Селекторот Горан Кузманоски ги сподели очекувањата од настапот на ЕМОФ.

„Пред се голема благодарност до Ракометната федерација на Македонија, за условите што ни ги овозможи за подготовки за престојниот Европски младински олимписки фестивал. Задоволен сум од пристапот на сите играчи и мислам дека полека сфатија што значи да си во репрезентација. Мора да напоменеме дека оваа генерација за првпат имаше собир и направивме инстант селекција за да се види до каде е квалитетот. Потенцијал има голем во оваа селекција, треба да бидеме трпеливи и добро ни дојде овај голем настан за да се натпреваруваме со репрезентации коишто се 2-3 години се заедно и да видиме до каде сме во однос на нив“, вели Кузманоски.

Ривали на Македонија ќе бидат Хрватска, Шпанија и Исланд, а сите натпревари нашите момци ќе ги играат во СРЦ „Кале“.

„Мора да напоменеме дека Шпанија беше прва на Медитеранските игри и Хрватска беше втора. Од тие Медитерански игри добивме материјали и успеавме да ги анализираме овие две репрезентации, додека за Исланд немаме никаков видео материјал. Сепак конкуренцијата беше голема и жестока, кратењето на овој список беше тешко, зошто на овие Олимписки игри настапуваат 15 играчи и нема право на измена. Македонија ќе оди на мегдан како сефте со најдобрите селекции и ветувам дека заеднички ќе дадеме 100%“, заврши Кузманоски.

Прв предизвик за Македонија ќе биде дуелот со Хрватска на 21 јули од 18:15 часот, додека на 22 и 23 јули следуваат пресметките со Шпанија и Исланд.