Ракометарите на Еурофарм Пелистер загубија во финалето на „Купот на пријателството“ во турскиот град Болу од белорускиот Мешков Брест со 35-31 во натпревар кој можеше да не биде доигран. Финишот на натпреварот беше исполнет со прекини и негодувања поради судиски одлуки. Во финишот при резултат, 32-31, судиите не досудија пробивање од противничкиот тим и како реакција на таквата одлука, Еурофарм Пелистер го напушти теренот. Сепак во интерес на фер-плејот, битолчани решија да ги доиграат преостанати четири минути, но веќе беше јасно дека тимот на Мешков Брест ќе слави триумф на овој натпревар.
Македонскиот шампион беше подобрата екипа во најголем дел од првото полувреме. По неколку одбрани на Митревски, пелистерци успеаја да се одлепат на водство од три гола, 9-6, и ја одржуваат таквата предност дваесетина минути.
Вергејчик и Шкуринскиј израмнија на 13-13. Еурофарм Пелистер водеше со 16-15, а тогаш имаше мала мешаница по еден фаул на Павле Петровиќ, кој доби директен црвен картон, а потоа и син картон.
Но подебелиот крај го извлекоа Александар Шкуринскиј и Иван Мацкевич, кои ја иницираа мешаницата на теренот, и беа испратени на трибините со црвени и сини картони. До крајот на полувремето, Мешков Брест успеа да се врати во водство, а со голот на Драгашевиќ во последната секунда стигна до плус два, 20-18.
Тимот на Едуард Кокшаров комплетно ја презема контролата на теренот на стартот на вториот дел. Поведе со седум гола, 26-19, а беше и 27-20. Но нашите ракометари не се откажуваа од камбек во натпреварот како што беше случај и на полуфиналниот дуел со Чеховски Медведи.
Полека се топеше предноста на белорускиот првак и со голот на Павле Атанасијевиќ намалија на 29-27, а во последните пет минути беше и 32-31. Сепак лошата арбитража беше причина за битолчани во еден момент да го напуштат теренот, црвен картон доби и тренерот Бранко Ангеловски, па во преостанатите четири минути Мешков Брест даде уште три гола и го реши прашањето околу победникот.
Во битката за третото место, Чеховски Медведи го победи АЕК Атина со 26-24.