Крајот на август втора година по ред е резервиран за пријателскиот ракометен турнир кој ги собира екипите од Балканот и Русија во Купот на пријателството. Оваа сезона турнирот се игра во Болу, Турција, а покрај Еурофарм Пелистер, настапуваат и Чеховски Медведи, АЕК Атина и Мешков Брест.
Во првиот дуел на овој турнир Еурофарм Пелистер со пресврт во драматична завршница успеа да го совлада рускиот вицепрвак Чеховски Медведи со 26-25(12-15). Еурофарм Пелистер имаше активен резултат во првиот дел, а водството кое го имаше во првиот рускиот вицепрвак во 23 минути го анулираше и откако поведе не го испушти водството до самиот крај. Но финишот на дуелот и моментумот кој го имаше македонскиот претставник го валоризираше Жарко Пешевски на неколку секунди до крај, постигнувајќи го победничкиот гол за конечен резултат 26-25.
Еурофарм Пелистер ја имаше иницијативата и минималната предност во поголемиот дел од првото полувреме, Ермаков беше нерешлива загатка за „зелено-белата“ одбрана, па секоја грешка на македонскиот претставник ја зголемуваше разликата меѓу двата тима во корист на Русите. Првото полувреме заврши со три гола предност за Чеховски Медведи и резултат 15-12.
Во второто полувреме Котов и Горнев го одведоа рускиот тим на највисока разлика од „плус пет“. Разликата се одржуваше до 41. минута кога македонскиот претставник ја прекина низата на Медведи. Токму последниот период од натпреварот им припадна на македонските ракометари, па до 51 минута комплетно се вратија во игра и го израмнија натпреварот на 23-23.
Во финишот на дуелот двете екипи имаа свои шанси, а први до водство повторно дојдоа Русите (24-23 55. минута). Радивојевиќ го израмни резултатот на 24-24, а Еурофарм Пелистер во продолжение играше со двајца ракометари помалку на теренот поради искучувањата на Павле Атанасијевиќ и Емилијан Ѓорговски.
Во последната минута двете екипи влегоа изедначени на 25-25, Чеховски Медведи направија техничка грешка во својот напад што им овозможи на македонските прваци последен напад за победа на 30 секунди до последниот свиреж. Жарко Пешевски му донесе предност на Еурофарм Пелистер од 26-25, што се покажа како победнички гол за битолскиот тим.
Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Радивојевиќ со десет гола од десет обиди, додека по три дадоа Манасков, Борзаш и Пешевски. Голманите Митревски и Ивиќ имаа десет одбрани. Во Чеховски Медведи се истакна Фурцев со пет гола.
Во првото финале за Еурофарм Пелистер на овој турнир ќе се соочат со подобриот од дуелот меѓу АЕК и Мешков Брест.