Ракометарите на Охрид по седум години се вратија на завршните турнири во Купот на Македонија, а сега се домаќини на најдобрите четири екипи.
Полуфинална пречка за Охрид е Еурофарм Пелистер, а капитенот на „гладијаторите“ Иван Тасески, вели дека сите очекуваат дека може да се направи чекор напрад и да се стигне до прв трофеј во клупската историја.
„Зошто да не очекуваме, сега сме фокусирани само на Ф4 во Купот. Се надевам дека за разлика од досега, ќе го немаме падот во последните десетина минути од натпреварите со противниците како Еурофарм Пелистер и Вардар, и ќе се радуваме на победа“, вели Тасески.
Екипите добро се познаваат меѓусебе и знаат што им треба за победа.
„Мора да играме многу добра одбрана, со многу жестоки дуели, а да постигнуваме лесни голови од полуконтра или контра, техничките грешки да бидат на минимум. Се надевам дека сега ќе немаме падови и ќе ни се посреќи“, продолжи Тасески.
Охриѓани ќе имаат голема поддршка од „Рибари“.
„Играме на домашен терен, ќе имаме голема поддршка од навивачката група „Рибари“ и од публиката во Охрид, која ја повикувам да не бодри. Како што кажав, се надевам дека можеме да стигнеме до финале и да се радуваме на нешто повеќе“, вели капитенот на „гладијаторите“.
Средниот бек Јотиќ веројатно ќе се врати во ростерот.
„Имавме доста повредени играчи, Јотиќ мислам дека ќе може да игра и да ни помогне во ротацијата. Се надевам на овој турнир ќе дојдат и ‘нашите пет минути’“, заврши Тасески.
Дуелот на Охрид и Еурофарм Пелистер се игра во СРЦ „Билјанини Извори“ од 19:30 часот, додека претходно од 17:00 часот ќе се соочат екипите на Вардар и „сино-белите“ од Автокоманда.