По четирите пласмани по ред во финалните натпревари и неуспешните обиди да се стигне до трофејот, Еурофарм Пелистер ќе има нова шанса да стигне до трофеј во Купот.
Битолчани ќе се соочат со домаќинот Охрид пред полни трибини во СРЦ „Билјанини Извори“, а капитенот Филип Кузмановски очекува дека неговиот тим може да стигне до трофеј.
„Како и секоја година, така и оваа очекувам дека мојот тим ќе одигра најдобро и сите мои соиграчи ќе дадат се од себе за да можеме да стигнеме до трофејот во Купот. Сигурен сум и убеден сум дека може да го освоиме, но како што кажав мораме да дадеме се од себе и да одиграме онака како што ќе се договориме“, вели Кузмановски.
Пелистерци добро го познаваат ривалот во полуфиналето.
„Сите екипи се знаеме многу добро и навистина нема тајни меѓу нас да бидам искрен. Слабите и силните страни ги оставаме на страна, бидејќи на овие натпревари пресудна е мотивацијата и тимската сплотеност според мене, па ниедна екипа нема право на грешка бидејќи нема поправен натпревар. Сигурен сум дека ќе дадеме се од себе за победа и да ги израдуваме своите навивачи“, продолжи Кузмановски.
Тој вели дека пресудно на Ф4 ќе бидат мотивацијата и желбата за победа.
„Како што кажав и претходно во Купот секогаш има изненадувања, баш поради мотивацијата, желбата за победа и сигурен сум дека и на овој турнир тоа ќе биде пресудно“, вели капитенот.
Капитенот ветува максимум на терен од него и соиграчите.
„За ростерот ќе одлучи тренерот, тоа е негова работа, но тие што ќе бидат на терен ви гарантирам дека ќе дадеме се од себе за да ги израдуваме нашите навивачи кои сум сигурен дека ќе бидат во најголем број и со нивна помош ќе го освоиме трофејот во Купот на Македонија“, заврши Кузмановски.
Полуфиналето меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер се игра во СРЦ „Билјанини Извори“ од 19:30 часот, а претходно од 17:00 часот ќе играат Вардар и „сино-белиот“ од Автокоманда.