КУП Ф4 2025 – Георгиевски: Секогаш постои позитивен притисток пред важни дуели – без него нема резултати

Ракометарите на Вардар минатата сезона испаднаа во полуфиналето на Купот на Македонија, а годинава ќе се обидат да ја исправат грешката.

Оваа година ќе го имаат за ривал истиот тим од лани – „сино-белите“ од Автокоманда за прва пречка кон трофејот.

Вардар е најтрофеен тим во ова натпреварување и досега има освоено 16 трофеи, а посакуваат да ја зголемат колекцијата.

Капитенот Гоце Георгиевски вели дека секогаш постои позитивен притисок пред вакви натпревари.

„Сите имаат исти очекувања, нормално да се освои трофејот во Купот. Ќе биде тежок патот. Не е дека има притисок во стил да се слави, но мислам дека постои оној позитивен притисок пред вакви важни натпревари. Тоа е добра страна, сметам дека без притисок нема резултат“, вели Георгиевски.

Десното крило вели дека клучен ќе биде фокусот во текот на целиот меч.

„Ние секој меч го анализиравме што сме го играле против нив, но секој натпревар ќе биде приказна за себе. Дури и најдобро да го спремиш некој натпревар, може да отиде во друг правец, така да најважно е да бидеме фокусирани во текот на сите 60 минути, а мотивацијата нема да изостане. Да ја гледаме нашата игра, нашата страна, и ако пристапиме така кон овој меч, имаме големи шанси да се пласираме во финале“, заврши Георгиевски.

Вардар против тимот на Кирил Лазаров ќе игра утре од 17:00 часот, додека од 19:30 часот ќе се соочат домаќинот Охрид и Еурофарм Пелистер.