КУП Ф4 2025 – Алонсо: За да освоиме Куп трофеј по 20 години, мора да бидеме на највисоко ниво

Ракометарите на Еурофарм Пелистер играа во финалните натпревари во последните четири изданија на Ф4 турнирите во Купот на Македонија, но ниту еднаш не успеаја да се радуваат на трофејот.

Последен пат битолчани славеа во ова натпреварување во 2005 година и долго време чекаат на радост и славје.

Стратегот Раул Алонсо вели дека ќе биде големо задоволство ако се освои трофеј по дваесетина години.

„Сметам дека сите четири тима во Охрид ќе играат за да го освојат трофејот во Купот. За нас е многу важно да се обидеме да славиме бидејќи го немаме освоено веќе дваесетина години. Да се освои трофејот по толку време ќе биде големо задоволство, но мора да се фокусираме да одиграме две добри средби, да бидеме на највисоко ниво и да пробаме да ја оствариме нашата цел“, вели Алонсо.

Шпанецот вели дека екипите добро се познаваат, но треба да бидат подготвени на мали тактички изненадувања.

„Сите се знаеме меѓусебно многу добро, моите ракометари знаат многу добро како играат противниците, игравме многупати едни против други. Тајни можеби не е вистинскиот збор, но треба да бидеме подготвени за некои тактички мали изненадувања, исто и противниците, за време на натпреварите. Сметам дека ќе има интересни натпревари. Тешко е да се зборува за предностите и маните на останатите, но најважно е ние да го играме нашиот најдобар ракомет во овој клучен дел од сезоната“, продолжи Шпанецот.

Тој вели дека сите екипи ќе бидат еднакво мотивирани да стигнат до трофеј.

„Во натпреварувања како Купот сме гледале насекаде многу изненадувања, како што реков претходно ќе имаме микс на ракомет и највисоко ниво на емоции. Сите екипи се мотивирани да го освојат трофејот, така ќе биде и со нас“, вели Алонсо.

Шпанскиот стратег има проблеми со ростерот, надвор од стројот се тројца ракометари.

„Кузманоски и Ристевски нема да ни бидат на располагање, а неизвесен за настап е и Петар Атанасијевиќ, кој исто така имаше повреда, но има шанси да игра во Охрид“, заврши Алонсо.

Полуфиналниот дуел меѓу Еурофарм Пелистер и Охрид се игра в сабота од 19:30 часот, додека претходно од 17:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе играат Вардар и бранителот на трофејот.