,Куп натпреварите се едно посебно ниво на натпреварување, каде што важат други "закони и правила" и не секогаш фаворитите победуваат, смета Славиша Димитријески, тренерот на Куманово пред полуфиналниот меч од Купот против Ѓорче Петров, што треба да с еодигра попладнево во Скопје.
Само четири екипи досега во женска конкуренција успевале да го освојат Купот на Македонија, а само три од нив имале серија од два триумфа по ред. Актуелниот освојувач на Купот во женска конкуренција, Куманово зад себе има три трофеи (2019, 2021 и 2023), но не успеал да „врзе“ две победи по ред. Сега се надеваат дека тоа ќе може да го остварат.
Годинава, Куманово пак е во игра за освојување на Куп трофејот, пласирајќи се на Ф4 турнирот, и ако тоа им успее ќе можат да кажат дека успеале „да ја одбранат“ титулата. Овојпат на патот на Кумановки им стои тимот на Ѓорче Петров кој последните три сезони доминира во домашното првенство, и трипати по ред беше шампион, вкупно 19 во клупска историја (заедно со 16-те од Кометал ЃП, кој им го предаде спортскиот континуитет на „лавиците“).
Мечот меѓу Куманово и Ѓорче Петров е закажан денеска како „предигра“ на машкото полуфинале. Жените ќе го играат својот натпревар од 17 часот во СЦ „Борис Трајковски“. Победникот од натпреварот ќе го дочека подобриот од дуелот ЖРК Вардар – Чаир, кои ќе играат утре.
Куманово сезонава во единственото женско сениорско натпреварување играа „топло-ладно“, клубот не го заобиколија повредивте, па на речиси сите натпревари недостасуваат неколку главни играчи. Сепак, избраничките на Славиша Димитријески колку-толку успеваат да победат на натпреварите на кои се фаворити и сезоната ќе ја завршат меѓу најдобрите пет екипи. Купот им е единствена шанса да освојат трофеј.
Кумановки до пласманот на Ф4 од Купот дојдоа откако најпрво ја победија Стружанка со 37:29 во осминафиналето од првата група, потоа во четвртфиналето во неизвесен натпревар го совладаа Металург Автокоманда со 21:20 и изборија пласман на самата завршницата.
Тренерот Славиша Димитријески смета дека пласманот на завршницата од Купот е добар резултатот за клубот и имаше само пофални зборови за Ѓорче Петров, кој е ривал на неговиот тим во полуфиналето.
,,Успеавме и оваа година да одржиме континуитет во завршницата на Ф4 тунрирот од Купот на Македонија, што само по себе е добар резултат. Бевме во најсилната група, ривал за пласман на завршницата ни беше Металург Автокоманда, така и во полуфиналето за противник го имаме тимот на Ѓорче Петров, екипа која е комплетна на секоја позиција, екипа која го “обеле образот” на македонскиот клупски ракомет на европска сцена”, изјаци Димитријески.
Во претходниот период стручниот штаб на Куманово ги анализираше слабите и силните страни на ѓорчепетровки, но каков резултат ќе остварат против скопскиот клуб, најмногу ќе зависи од играта на теренот. Составот на Димитријески беше поразен на двата меѓусебни дуели со Ѓорче Петров сезонава во првенството (37:21, 29:20), но сега се очекува да покаже подобро издание.
,,Секако дека ги имаме анализирано, но не секогаш тоа е доволно за да се издвојува победа. Од самиот старт на оваа натпреварувачка сезона се бориме со повредени играчи и недоволен ростер, што претставува огромен проблем во реализација на зацртаните цели и задачи”, вели Димитријески.
Во Куп натпреварувањето нема поправен, одлучува само еден меч, па така Куманово ќе треба да даде максимум за да дојде до финале. Да се надеваат дека и тие ќе одиграат најдобро, и ривалот можеби ќе има лош ден.
,,Куп натпреварите се едно посебно ниво на натпреварување, каде што важат други “закони и правила” и не секогаш фаворитите победуваат. Самото учество на Ф4 турнирот од Купот на Македонија за нас претставува успех, чест и задоволство. Останува да одиграме и да дадеме максимум од нашите можности, со тоа и да се покажеме во добро светло”, заврши Димитријески.
Натпреварот меѓу Куманово и Ѓорче Петров е закажан за 17 часот, а сите натпревари од машка и женска конкуренција ќе се одиграат во СЦ „Борис Трајковски“.