Куманово задржа двајца староседелци – Димитров и Цветковски потпишаа нови договори

Тимот на Куманово полека го комплетира играчкиот мозаик за наредната сезона во која клубот ќе биде предводен од Аце Станковски.

Уште двајца староседелци го продолжија договорот со клубот, а тоа се Иван Димитров и капитенот Давид Цветковски .

Двајцата се обврзаа на едногодишен договор со Куманово. Капитенот на тимот изјави задоволство од продолжување на соработката.

„Немаше никаква дилема околу мојата иднина во клубот. Нема поголема чест од тоа да се биде капитен на тимот од градот кај си роден, живееш и играш. Ние сме пред се како семејство, функционираме беспрекорно како единка и се надеваме дека така ќе биде и во иднина“, изјави Цветковски.

Димитров исто така го дели мислењето со Цветковски.

„Оваа сезона ќе биде предизвик за нас, затоа што сакаме да одиме чекор повеќе во лигата. Тоа значи дека ќе се обидеме да бидеме помеѓу најдобрите шест тима од табелата во Супер Лигата и да се бориме за некои од местата кои водат во Европа“, изјави Димитров.

Покрај новиот тренер Аце Станковски, Куманово претходно ги ангажираше десното крило Александар Стојков, левите бекови Виктор Трифуноски и Тоше Ончев, а нови договори беа потпишани со Григор Трајковски, Давид Димевски, Гиљерме Фернандез и со Христијан Крстаноски.

Договорена е нова соработка со средниот бек од Хрватска, Лука Матачиќ, па Куманово ќе има добар тим со кој ќе може да атакува на плеј-офот.