Тимот на Кумановo стартуваше победнички во реновираната градска сала, откако со големи проблеми го совлада составот на Радовиш со 34-32. Гостите парираа во текот на целиот меч, имаа во повеќе наврати предност од три гола, но во клучни моменти не успеваа да погодат. Куманово направи пресврт во последните пет минути, радовишани се враќаа на минус еден, но немаше време за барем бод од ова тешко гостување.
Во првите петнаесетина минути од натпреварот се играше израмнето и двете екипи имаа свои моменти. По 9-9, домаќинот предводен од Ончев, Димевски и Стојков успеа со серија до три гола да поведе со 12-9.
Беше и 13-10, но домашните тука како да застанаа и нападот влезе во „црна дупка“ цели осум минути. За тоа време радовишани со чија игра диригираше Каковски стрелаа шест пати и водеа со 16-13.
На истекот на првото полувреме, Димевски погоди од седмерец и Куманово имаше негатива од два гола, 17-15 на паузата. Иако кумановци се вратија во егал во вториот дел, радовишани не попуштаа во темпото што го наметнаа.
Постолов и Каковски беа нерешлива енигма за Михајловски и Трајковски, па гостите си ја одржуваа разликата од еден до три гола. Кога остануваа уште десетина минути до крајот Вујичевски погоди за реми, 28-28 и се мораше да тргне од нула.
Домашните имаа прилика за водство, но Цветковски промаши, потоа и Ристов му одбрани шут на Ончев, па казната стигна на спротивната страна. Кумановци се соземаа во финишот, нападот на радовишани затаи и Димитров реализираше за плус два, 32-30.
Публиката даде поддршка за домашните во финишот и беше 33-31, пред Димов да намали со голот од пенал. Куманово тргна во последен напад, тренерот Аце Станковски повика минута одмор да подели совети, беше организирана акција за зицер кој го реализира Вујичевски за потврда на двата бода и стартен триумф.
Ончев беше лидер на кумановци со десет гола, осум даде Стојков, а седум Димовски, додека голманот Трајковски запиша осум одбрани. Во составот на Радовиш во нападот доминираа Постолов со девет и Каковски со седум погодоци.