Екипата на Куманово се врати во игра за шампионската титула кај дамите, откако на гостувањето во Скопје кај Вардар славеше со 25:24 во натпревар од 7. коло. Куманово во текот на целиот натпревар беше во предност, домаќинот ниту еднаш не поведе, израмни само на 1:1 на стартот, се друго мина во знакот на гостинките кои резултатската предност не ја испуштија до последниот судиски свиреж, иако домашниот тим можеше да освои барем бод.
Тимот на Куманово сега има 18 бода, ист број на бодови има и актуелниот лидер Ѓорче Петров, кој вечерва ќе го одигра дерби дуелот со амбициозниот Чаир. Вардар останува меѓу најдобрите четири екипи, но на свое конто сега има 15 бода, а дококу победеше денес или одиграше реми, ќе беше поконкурентен за шампионската титула.
Гостинските ракометарки уште во воведниот дел влегоа во ритам, водени од расположената Ѓошевска во напад, како и цврстата одбрана на чело со Цветановска, најпрво во воведниот дел одржуваа резултатска предност од два гола разлиа, потоа се одлепија на 7:3, имаше период во кој како да подзастанаа, но на пауза заминаа со активен резултат.
Вардар во првата половина од првиот дел беше во криза, за 20 минути имаше постигнато само три гола, кои беа дело на три различни ракометарки. Кризниот период на домашниот тим беше прекинат со голот на Стефаноска, која намали на 7:4 во 21 минута, а две минути подоцна Тревска реализираше за минус два 7:5.
Серијата од 2:0 на „црвено-жолтите“ значеше и фаќање резултатски приклучок, бидејќи Куманово имаше „црна дупка“, но домаќинките само за момент намалија на 8:7. Избраничките на Димитријески пред финишот од првиот дел се консолидираа и до крајот на полувремето беа подобриот противник на теренот. По 30 минути игра, резултатот гласеше 12:9 во корист за гостинскиот состав.
Куманово за пет минути игра во второто полувреме дојде до дотогаш највисоките пет гола разлика, 15:10. По водството на Куманово од 17:13, домаќинките се заканија, најпрво намалија на 17:15, стигнаа и до минус еден, 18:17, но гостинскиот тим не дозовли целосен пресврт и до крајот од дуелот одржуваше предност од еден до три гола разлика. Ракометарките на Царчев во финишот го направија дуелот понеизвесен, откако намалија на 25:24, но немаше многу време за да освојат барем бод.
Најефикасни во победничката екипа, која победата ја освои со речиси една постава на терен, беа Сара Цветановска со седум и Сара Богојеска со шест погодоци. Во домашниот табор со по четири погодоци се истакнаа Симона Василева и Ивона Трпевска.