Куманово со две големи засилувања – дојдоа двајца „фараони“!

Тимот на Куманово во битката за опстанок во елитната конкуренција ќе биде посилен за двајца интернационалци од Египет. Станува збор за левиот бек Омар Мамду Радван Солиман и десниот бек Мохамед Карим Али Закарија, а двајцата доаѓаат од српскиот второлигаш Металац Краљево.

Настапите во Куманово за нив ќе бидат второ интернационално искуство, откако сезона и пол настапуваа во северниот сосед.

Омар е дел од генерацијата 2005 и потекнува од Ал Ахли, а во оваа сезона во дресот на Металац даде 68 гола на 13 меча. Тој е актуелен младински репрезентативец на Египет.

Карим е роден во 2004 година, а потекнува од Замалек. Во дресот на Металац оваа сезона на 12 меча постигна 43 погодоци.

Тие двајца ќе бидат големи засилувања за составот на тренерот Александар Радисављевиќ, а Куманово практично го обезбеди својот настап во елитата и за наредната сезона откако во првата рунда од плеј-аутот ја совлада Струга и сега има девет бодови.

До крајот на сезоната и во останатите девет натпревари ќе се бори за што повисоко место на табелата со Пролет, Прилеп и Еурофарм Пелистер 2.