Тимот на Куманово со убедлива победа над Струга со 32-19 ја заокружи 2025 година, а ова беше трета радост оваа сезона во суперлигашкото друштво.
Кумановци последен пат славеа кон средината на ноември, кога беа подобри од фенерџијата Радовиш. До овој натпревар Куманово имаше само две победи во сезоната – двете против Радовиш, а Струга е вториот тим од Супер лигата против кој избраниците на Љубиша Димковски освоија бодови.
Првите дваесетина минути минаа во израмнета игра, по што домаќинот преку Димески, Цековски и Стојков успеа да се одлепи и на полувремето замина со предност од 15-10.
На стартот од вториот дел Цековски влезе во голгетерска серија и му донесе на Куманово прва двоцифрена предност, 21-11, која домаќините без проблем ја контролираа до самиот крај.
Најефикасни во победничкиот состав беа Александар Стојков и Борјан Цековски со по шест постигнати погодоци, додека кај Струга се истакна Стефан Атанасовски, кој реализираше шест гола.
На табелата, сега Куманово е на 10 место, со седум бода, додека Струга е 11 на табелата со шест освоени бодови.

























