Куманово продолжува во победнички ритам, славеше над Вардар

Екипата на Куманово, по победата над Астибо, денеска ја забележа втората победа во плеј-оф фазата, откако на свој терен го совлада Вардар со 26:22. Ракометарките на Димитријевски со новите два бода влегуваат во борба за повисок пласман на табелата.

По нерешените 3:3, домашниот тим со погодоците на Павлова и Зечевиќ дојде до предност од плус два, 5:3. Од тој момент, па до крајот на полувремето Куманово имаше контрола на резултатот, а во периодот од 12 до 20 минута двете екипи направија безброј грешки.

Токму во овој период немаше реализација на двете страни, вардарки на моменти погодуваа, додека домашната екипа со одличната игра во последните десет минути на дојде до изразена предност од плус шест гола, 14:8.

Гостинките во вториот дел никако не можеа да се вратат, до 47 минута губеа со пет до седум гола негатива, потоа во неколку наврати се закануваа, но единствено што направија е доближувањето на минус три во 55 минута, 23:20.

Домашниот состав не дозволи да направи од готово – вересија, се одлепи на 25:20 и тука веќе беше јасно дека бодовите ќе останат за домашниот табор.