Тимот на Куманово успеа да освои важни бодови во битката за опстанок во суперлигашкото друштво, откако славеше на домашен терен против новајлија во елитата со 29-28.
Куманово сега е на второто место на табелата со 17 бода, зад лидерот Прилеп кој има 18 бода, но и натпревар помалку, односно гостување кај Еурофарм Пелистер 2, кој пак има 15 бода на третото место, исто колку и Вардар Неготино.
Во најголем дел од првото полувреме ниту една од екипите не успеваше да се одлепи на повисока предност од еден гол, и имаше резултатска клацкалка. Така беше се до финишот на првите триесет минути, кога кумановци зголемија на плус два.
Голманот Михајловски беше солиден, а во нападот Костов од пенал и Атанасовски успеаја да погодат, па Куманово по почетните 2-0, сега одново имаше водство од два гола, 14-12, резултат со кој се отиде на пауза.
Погодија домашните за 15-12 на стартот на вториот дел, имаа прилика да ја зголемат разликата во своја корист, но не успеаја. Како одминуваше времето така ја преземаа контролата избраниците на Љубиша Димковски, 21-16.
Но гостите од Автокоманда не се откажуваа од камбек во натпреварот и за кратко време реализираа пет пати преку Димевски, Иваноски и Јорданов, па на десетина минути до крајот беше 21-21 и беше најавен неизвесен финиш.
Сепак кога најмногу требаше да погодуваат, тие почнаа да грешат, Куманово ги казни сите гостински грешки и се врати на безбедни плус три, 25-22. До крајот гостите успеаја да ја намалат негативата, но немаше време за нешто повеќе од минимален пораз.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Наум Костов со десет и Стефан Атанасовски со пет погодоци, додека кај тимот од Автокоманда се Димитар Узунчев и Михаил Иваноски со по пет гола. Во следното коло Куманово гостува кај Вардар Неготино