Тимот на Куманово славеше триумф против Струга со 30-21 и сега со 13 бодови е безбеден на три кола до крајот на битката за опстанок во елитната конкуренција.
Струга (8) ќе мора во директна битка со Радовиш (6) да се избори за суперлигашки опстанок, а една од овие две екипи ќе мора да игра бараж со второпласираната екипа од прволигашкиот плеј-оф.
Домаќините имаа плус три во првиот дел, но во финишот со серија од три гола, Струга успеа да стигне до егал, 12-12. Гостите наместо да продолжат во исто темпо не погодија четири минути до истекот на полувремето, а за тоа време Куманово ги казни сите грешки и практично го реши прашањето на победникот.
На стартот на вториот дел домашните отидоа и на плус пет, 18-13 и до крајот само рутински го одработија натпреварот за значајна победа со која го потврдија опстанокот во Супер лигата.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Давид Димевски со осум и Хен Џанкарло Фелипе со седум гола, додека кај Струга се истакна Александар Стојков со шест погодоци. Во следното коло, Струга ќе го пречека Радовиш, додека Куманово гостува кај Прилеп.