Екипата на Куманово ќе ја наполни клупската каса бидејќи договори продажба на својот најдобар играч, Бразилецот Чаио Винициус Де Соуза Мораис кој после Нова Година заминува од клубот. Бекот на Куманово е „прв бомбардер“ и речиси секогаш има двоцифрен број голови зад своето име.
Сакајќи да има поконкурентен тим Куманово ја прифати понудата на Охрид и Винициус се сели покрај езерото. Двата клуба неодамна имаа средба и го договорија трансферот. Охрид ќе добие врвен голгетер, а Куманово ќе донесе неколку други ракометари со кои треба да биде конкурентен во борбата за опстанок.
И лани Куманово имаше слична ситуација, беа без бодови во регуларниот дел од сезоната, а потоа купија дузина играчи, најмногу интернационалци и со „стил“ обезбедија опстанок во елитата. И сега е слично. Тие се на долниот дел од табелата во машката Супер лига.
Кумановци се борат за опстанок и во пролетниот дел би требало повторно да имаат тим со кој ќе може да опстанат. Останува да се одиграат уште 11 кола од регуларниот дел по што првите шест екипи ќе разигруваат за титулата, а другите за опстанок.