Куманово добива нов бомбардeр: Олег Јорданов прво засилување во битката за опстанок

Левиот бек Олег Јорданов во следната една и пол сезона ќе го носи дресот на МРК Куманово. Младиот ракометар се договори со клубот и стана прво зимско засилување за кумановци, кои во вториот дел од сезоната ќе водат жестока битка за опстанок, откако полусезоната ја завршија во опасната зона, на претпоследното место на табелата.

Јорданов минатата пролет играше за Струга, каде што конечно доби шанса целосно да се почувствува како носител на играта – токму на последниот натпревар во сезоната беше и најдобар стрелец со 10 гола, потврдувајќи дека има сериозен и прецизен шут. Во Струга пристигна од Автокоманда, но не остана и оваа сезона, иако имаше понуди и од странство, па на крајот реши да ја продолжи кариерата во македонскиот шампионат. Toj и досега тренираше со Куманово, но сега и официјално стави потпис на договорот со кој ќе може и да настапува.

Поникна во младинските системи на македонскиот ракомет, помина низ Голден Арт, а уште како кадет беше издвоен како еден од најперспективните млади играчи на својата позиција и доби шанса да тренира и настапува со сениорски тимови.

Повредата на коленото го успори во развојот и го оддалечи од терените во период кога беше во подем, па во последните години ретко можеше да се види во онаа препознатлива форма од младинските категории. Сепак, настапите во финишот на минатата сезона со Струга покажаа дека неговата рака и понатаму има квалитет и дека со вистинска минутажа може повторно да се врати на посакуваното ниво.

Со ангажманот на Олег Јорданов, раководството на Куманово јасно покажува дека нема намера пасивно да ја гледа битката за опстанок и дека тимот ќе се засилува со млади и гладни играчи кои сакаат да се докажуваат. Останува да се види колку левиот бек ќе се вклопи во системот, но неспорно е дека Суперлигата добива уште едно име кое вреди внимателно да се следи во продолжението од сезоната.