Кумановци тргнаа со подготовки – заминаа сите странци и најдобриот стрелец, составот ќе биде подмладен

Тимот на Куманово ги стартуваше подготовките во пресрет на новата натпреварувачка сезона во Супер лигата. Ракометарите предводени од првиот тренер Љубиша Димкковски со неговиот стручен штаб подготовките ќе ги реализираат во Куманово.

Ќе следува серија на пријателски средби и турнири каде екипата ќе се воигрува за следните предизвици. Играчкиот кадар ќе биде составен од македонски ракометари со еден интернационалец од Бразил, а најавени се уште двајца играчи што треба да се приклучат до 10 август.

Нови договори потпишаа крилата Иван Димитров и Давид Цветковски, како и бекот Влатко Тасевски. Сите тројца се обврзаа да ги бранат боите на Куманово најмалку до 2026 година.

Претходно раководството на Куманово се раздели со четворицата странци Алекса Радичевиќ, Милош Благојевиќ, Огњен Радојичиќ и Михајло Стевовиќ. Од Куманово замина и кружниот напаѓач Стефан Атанасовски, како и најдобриот стрелец Наум Костов.

Кумановци ги договорија десниот Иван Митревски од Радовиш, левиот бек од младинскиот погон на Еурофарм Пелистер, Благој Христовски, потоа Христијан Крстаноски, младиот пивот Цековски, доаѓа и младинскиот репрезентативец Давид Димевски, како и десното крило Дамјан Јакимовски, кој минатата сезона беше дел од Скопје.

За Куманово потпиша и ракометарот од Бразил, Каио Винициус Де Соуза Мораис, а соработката со клубот ја продолжија голманите Христијан Михајловски и Данијел Димитријевски, кружниот напаѓач Дарио Симоноски и искусниот Грузиец, Уча Гамзардија.