Култната сала во која Кометал Ѓорче Петров стана европски првак оди во историјата?!

Спортско рекреативниот центар „Кале“ би можел наскоро да замине во историјата и на тоа место да никне нов модерен комплекс.

Според најави од Кошаркарската федерација на Македонија, постои амбициозен план за изградба на цел комплекс според сите современи стандарди и кој би бил дом на кошаркарските репрезентации од сите категории.

Планирано е да има две сали, од кои едната само за тренинзи, а другата само за натпревари, како и комплекс со апартмани и ресторани.

СРЦ „Кале“ или „озлогласената тврдина“ како што ја нарекуваа Словенците при гостувањата на нивната гордост Крим кај Кометал Ѓорче Петров, беше домаќин на реваншот од финалето на Лигата на шампионите во 2002 година, кога македонскиот тим се искачи на европскиот трон со победа над унгарскиот Херц Ференцварош.

Таму играше и ракометниот клуб Вардар, многу натпревари од Лигата на шампионите, Купот на победниците на Куповите, ЕХФ и Челинџ Купот, а гостуваа великани од типот на Кил, Фленсбург, Магдебург, Веспрем, Барселона, Шлагелсе, Хипо, Крим, Валенсија, Ларвик…

Од 2019 година, со СРЦ „Кале“ стопанисува КФМ и таму се играат натпревари од сите категории во кошаркарските првенства, како и Европски шампионати во сите категории.