По настапот во Европа и мечот со Потаиса Турда, ракометарите на Охрид накратко ќе им се вратат на домашните обврски во Супер лигата и во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе го пречекаат незгодниот состав на Пролет.
Гостите играат во стилот топло-ладно, досега на седум меча имаат забележано две победи на домашен терен, а на гости загубија три пати – кај Струга и кај фаворитите Вардар и Еурофарм Пелистер.
Пролет се нема радувано на гостински триумф во Охрид од 2021 година, а охриѓани се во серија од три победи против овој ривал.
Левиот бек Дејан Кукуловски очекува враќање на победите во Супер лигата по поразот во Битола.
„Имавме само два дена за подготовки за Пролет по европскиот натпревар со Турда. Го искористивме максимално ова време за да се спремиме за гостинскиот тим и се надевам дека ќе им се вратиме на победите во македонското првенство“, вели Кукуловски.
Ресенчанецот смета дека Пролет не смее да биде потценет.
„Пролет е добра екипа, спој на младост и искуство и не смееме никако да ја потцениме. Одиме на победа па со позитивен резултат да се подгтовиме за гостувањето во Романија за реваншот со Турда“, заврши Кукуловски.
Натпреварот меѓу Охрид и Пролет се игра утревечер во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 17:30 часот.