Актуелниот германски шампион Фуксе Берлин ја отвори новата сезона со изненадувачка вест – спортскиот директор Штефан Кречшмар ќе ја напушти функцијата по завршувањето на договорот следното лето.
Одлуката доаѓа како последица на отворениот конфликт со директорот на клубот, Боб Ханинг, кој предизвика тензии во клубот, иако „лисиците“ зад себе ја имаат најуспешната сезона во историјата.
„Јавните дискусии околу стратегијата не му носат ништо добро на клубот. За да се намали медиумскиот притисок и да се стави фокус на амбициозните цели за сезоната, ја објавувам мојата одлука уште сега,“ напиша Кречмар на Инстаграм.
Главната причина за судирот е тоа што Ханинг не покажал иницијатива за продолжување на договорите на Кречмар и на успешниот тренер Јарон Сиферт, чиј ангажман исто така завршува по оваа сезона.
52-годишниот Кречмар, кој има над 200 настапи за германската репрезентација, е спортски директор во клубот од 2020 година и има огромна заслуга за подемот на „лисиците“.
Од Фуксе Берлин реагираа со изненадување и жалење.
„Фуксе Берлин со жалење ја прифаќа оваа одлука и е изненаден од најавеното заминување.“
Минатата сезона клубот од германската престолнина го освои својот прв трофеј во Бундес лигата и стигна до финалето во Лигата на шампионите.