Кристијанштад продолжува со победничкиот ритам и по репрезентативната пауза. Во рамките на шведската лига, „портокаловите“ ја остварија својата најубедлива победа сезонава, совладувајќи го Халби со 35-21 (18-8) пред своите навивачи во „Кристијанштад Арена“.
Домаќините доминираа од самиот старт – направија серија од седум гола по ред и во првите десет минути целосно го „скршија“ отпорот на гостите. Голманот Хајдер Ал-Хафадџи блескаше со 60% успешност и заслужено беше прогласен за најдобар играч на натпреварот, додека Елиот Стенмалм беше најдобар стрелец со шест погодоци.
Со овој триумф, Кристијанштад не само што ја потврди својата доминација во домашното првенство, туку и се загрева за дербито во Европската лига против Вардар, кое ќе се одигра на 11 ноември во „Кристијанштад Арена“. Тоа ќе биде дуел меѓу двата непоразени тима во групата.
Пред тоа, на 8 ноември, Кристијанштад ќе го одигра и реванш-меч од четвртфиналето на Купот на Шведска против Хамарби, каде ќе се обиде да го потврди пласманот на завршниот турнир по победата во првиот натпревар со четири гола разлика. Хамарби е лидер во првенството, додека Кристијанштад е на третото место.

























