Спортскиот директор на Фуксе Берлин, Штефан Кречмар, сè уште нема добиено директна информација од Дејан Милосављев за неговата можна преселба во Келце.
Во изјава за „Билд“, легендарниот германски ракометар и актуелен директор на германскиот шампион, вели дека не сака да шпекулира околу иднината на српскиот голман:
„Гласините кружат веќе една година. Јас нема да коментирам ништо додека Дејан лично не ми го соопшти тоа“, кратко изјави Кречмар.
Иако официјалната информација од клубот сè уште недостасува, медиумите веќе подолго време го поврзуваат Милосављев со трансфер во редовите на полскиот вицешампион Келце во летото 2026. Според некои информации, договорот на Милосављев со „лисиците“ важи до 2027 година, а неговото заминување би било можно само со исплата на отштета.
Во првите месеци од годинава се шпекулираше и за интерес од унгарскиот ПИК Сегед, но тогаш Кречмар јасно порача дека сака голманот да остане дел од тимот:
„Сакам соработката со Милосављев да продолжи уште неколку години. Тој е во најдобрите играчки години и нема причина нешто да се менува. Не ми дал сигнал дека сака да замине“, изјави Кречмар.
Се очекува иднината на српскиот репрезентативец да се разјасни во текот на сезоната, а неговото евентуално заминување би претставувало голем удар за актуелниот германски шампион.