По 16 години играње во националниот дрес, легендарниот унгарски плејмејкер Мате Лекаи објави дека ја завршува својата репрезентативна кариера.
Дебитант во 2009 година, Лекаи одигра вкупно 198 натпревари и постигна 592 гола, а во многу од нив настапуваше и како капитен. Во кариерата го носеше дресот на ПЛЕР, ПИК Сегед, Целје, Веспрем и во последните години на Ференцварош.
Тој учествуваше на две Олимпијади, седум Светски и четири Европски првенства, и останува запишан како единствениот унгарски ракометар кој бил дел од најдобрите пласмани на националниот тим во историјата – 4 место на ОИ во Лондон 2012 и 5 место на ЕП 2024 и СП 2021.
„По 16 години чувствувам дека дојде време да кажам збогум. Репрезентацијата ми даде повеќе од спорт – пријатели, искуства и заедништво што засекогаш ќе останат со мене. Ви благодарам на сите – семејството, соиграчите, тренерите и навивачите. Моето срце ќе остане со унгарскиот ракомет,“ изјави Лекаи.
Селекторот Чема Родригез, негов поранешен соиграч, а доскорешен селектор, со емотивни зборови се збогуваше со плејмејкерот.
„Изгубивме голем лидер, на теренот и надвор од него. Со Лекаи делевме многу моменти, и како соиграчи и како тренер-играч. Ќе остави огромна празнина, но и мотивација за идните генерации.“
Во својата кариера Лекаи беше избран за ракометар на годината во Унгарија (2017), а неговото заминување означува крај на една генерација која му донесе историски успеси на тамошниот ракомет.


























