После неуспехот во квалификациите за ЕП 2026, легендарните ракометари на Босна и Херцеговина, Бенјамин и Сенјамин Буриќ, официјално ја објавија својата одлука за повлекување од репрезентацијата.
Ова е крај на една значајна ера во босанскиот ракомет, а со тоа се завршува кариерата на двајцата браќа кои оставија неизбришлив траг во историјата на репрезентативниот ракомет.
„Од првото наше појавување за репрезентацијата на Босна и Херцеговина, уште од кадетите, преку јуниорите, па до сениорите, капитенските ленти, повредите, славјето, солзите од разочарување и радоста… сме горди што сме ја претставувале нашата земја на Европа и светот,” напишаа двајцата на социјалните мрежи.
Tие беа дел од СП 2015, како и од ЕП 2020, ЕП 2022 и ЕП 2024 година.
„Сега е време за разделба. Сѐ во животот има крај, а нашиот крај во дресот на репрезентацијата на БиХ е овде. Знаевме дека ќе дојде, но не знаевме дека ќе биде толку тешко да се збогуваме со нашиот сакан грб. Среќни сме што бевме дел од оваа приказна, далеку од нашите семејства и пријатели, но со еден единствена цел – да ја претставуваме Босна и Херцеговина на најдобар можен начин. Сега е време за младите. Среќно!”, го завршија двајцата своето соопштение за крајот на репрезентативните кариери.
Босна и Херцеговина не успеа да се пласира на ЕП 2026 откако во квалификациската група со Исланд, Грција и Грузија забележа само една победа.