Костов: Победата над Радовиш е добра увертира за натпреварот против Бутел

Ракометарите на Охрид им се вратија на победничките патеки, oткако на домашен терен и со комбиниран состав го совладаа последнопласираниот тим во Супер лигата, Радовиш, со убедливи 43-21.

Членот на Охрид, Наум Костов, кој одигра одлично и во мрежата на гостите постигна седум гола, ја коментираше високата победа.

,,Секако дека секогаш може подобро, денес одигравме еден добар натпревар против послаб ривал, не го потценивме во ниту еден момент, влеговме одлично, константно одржувавме солидна предност и се надевам дека ова е една добра увертира за натпреварот следната недела во Скопје против Бутел”, изјави Костов.

Охриѓани со новите два бода го зголемија бодовното салдо, сега имаат 18 бода, исто колку што има и актуелниот шампион Еурофарм Пелистер, кој денеска игра против Тиквеш.

Охрид ја наполни мрежата на Радовиш