Машката ракометна репрезентација на Македонија денеска ги започна подготовките за двомечот со Словенија во рамки на квалификациите за Европското првенство 2026.
Двете репрезентации најпрво ќе се сретнат во Скопје, а второто соочување ќе го имаат во Копер.
Десното крило Ненад Костески ги истакна очекувањата за првиот дуел со Словенците.
,,Нè очекуваат два дуели против една силна репрезентација како Словенија. Знаеме за каква репрезентација станува збор и не смее да се потцени во никој случај. Имаме само неколку дена да се подготвиме за натпреварите. Најпрво, ние треба да бидеме подготвени за првиот дуел пред полна сала, да ги пречекаме подготвени на домашен терен. Очекувам дека ќе имаме огромна поддршка и дека публиката ќе нѐ носи, па ќе бидеме максимално подготвени. Мислам дека тоа Светско првенство ќе ни биде мотив плус за да дадеме добар натпревар и, секако, дека нема да се предадеме. Одиме на победа, ќе го дадеме нашиот максимум, па ќе видиме што ќе биде. Реално, Словенија има одлични индивидуалци. На сите позиции се покриени добро, играат брз и модерен ракомет. Треба добро да ги анализираме во овие неколку дена, да излеземе на терен и да го одиграме тој натпревар”.
Македонија и Словенија првиот меч ќе го одиграат во Скопје на 12 март во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:00 часот, додека втората средба е во Копер на 16 март во „Бонифика“ со почеток во 18:30 часот.
Кузмановски: Мотивацијата е голема, одиме по победа над Словенија!
Сениорите од денеска на собир, стартува мисијата „Словенија“