Репрезентацијата на Македонија утре ќе го одигра последниот натпревар од главната фаза на Светското првенство 2025 во Данска, Норвешка и Хрватска.
Ривал на Македонија ќе биде Франција, која е еден од фаворитите за освојување на златото на Мундијалот, а десното крило Ненад Костески е задоволен од прикажаното на претходните натпревари.
„Во последниот натпревар играме против моќната Франција и знаеме со каков противник треба да се соочиме. Евидентно е дека имаме напредок во играта и досега имаме само еден пораз на првенството. Среќни сме поради тоа, напредуваме како репрезентација и се надевам дека ова ќе биде само многу добар почеток за сите нас и дека по ова првенство ќе одиме само нагоре и ќе имаме успеси”, вели Костески.
Стружанецот иако пред извесен период се врати на терените, откако паузираше поради повреда, успеа да има одлична игра на Мундијалот.
„Пред извесно време се вратив од повредата, задоволен сум и среќен што успеав да се рехабилитирам и да изборам настап на Светското првенство и добро се чувствувам. Подготвен сум. Нормално бидејќи кус е периодот како се вратив во натпреварувачки ритам, потребна ми е ротација затоа и ротираме, се е во најдобар ред и се радувам што е така”, додад Костески.
Десното крило вели дека многу му значи дадената доверба од селекторот Лазаров.
„Секако дека ми значи довербата од селекторот, да се вратиш буквално пред првенство и да добиеш шанса тоа е позитивно. Имам голем поддршка и од брат ми Никола, кој сме постојано во контакт и ме советува.“
Утрешниот натпревар меѓу Македонија и Франција е на програмата од 20:30 часот.