Репрезентацијата на Македонија утре во рамки од 3. коло од групната фаза на СП за ривал ја има Гвинеја, која е дебитант на Мундијалот.
Избраниците на Лазаров се големи фаворити против дебитантот и со победа треба да се заверат пласманот во главната фаза, во која ќе пренесат само бод.
Десното крило Ненад Костески ги истакна своите очекувања за утрешниот натпревар и смета дека заедно со неговите колеги мора да бидат максимално фокусирани во текот на сите 60 минути.
,,Мора да го заборавиме натпреварот против Холандија и да се издигнеме, бидејќи утре не чека последниот дуел од групната фаза, кој за нас значи пласман во главната рунда, нашата главна цел на ова Светско првенство. Иако станува збор за дебитант на овој шампионат и зад себе има два порази мора да бидеме претпазливи, не смее да се потцени ниту еден противник. Мечот против Гвинеја ќе биде различен од останатите, имаат специфичен стил на игра, спротивен од европските земји. Краткото време ќе го искористиме за анализа на противникот. Мора да бидеме максимално сконцентрирани од првата до последната минута. Сите сме мотивирани, подготвени за нова борба, имаме поддршка од публиката и тоа е најважо”, изјави Костески.
Натпреварот меѓу Македонија и Гвинеја е на програмата од 18:00 часот.