Косово донесе Швеѓанец за селектор – помошникот по потекло од Македонија

Шведскиот стратег Јеспер Остлунд е нов селектор на машката ракометна репрезентација на Косово. Тој беше официјално претставен на прес-конференција во Приштина.

Остлунд има богата тренерска кариера во Шведска. Од минатата година го предводи елитниот клуб Халби, со кој обезбеди историски пласман во плејофот. Тимот го водеше и во периодот 2018–2022, а потоа две години беше на клупата на реномираниот Савехоф, со кој освои две шампионски титули и два Купа на Шведска во женска конкуренција.

Во 2020 година беше прогласен за тренер на годината во машка конкуренција во Шведска.

Покрај тоа, Остлунд има искуство и со младинските национални селекции на Шведска, со кои постигна четврти, петти, шести и седми пласман на Европските првенства.

Новото селекторско дуо ќе го надополни Јасмин Жута, кој ќе ја има улогата на помошник. Жута е Албанец со потекло од Македонија и има респектабилна кариера во Шведска, каде што предводел повеќе клубови и е пофален за индивидуалната работа со играчи.

Претседателот на косовкста ракометна федерација, Един Колгеци им се заблагодари на досегашниот селектор Бујар Ќерими и неговите асистенти, нагласувајќи дека новото водство треба да ја подигне репрезентацијата на повисоко ниво.

„Главната цел е Косово да обезбеди пласман на големо натпреварување – Европско или Светско првенство“, изјави Остлунд.