Тренерот на Спортинг Лисабон, Рикардо Кошта, потпиша договор на долг рок и ќе го води португалскиот шампион најмалку до 2030 година!
Откако дојде во Лисабон со неговите два сина, Мартим и Франциско, Спортинг под водство на Рикардо освои шест трофеи и за првпат по пет сезони обезбеди место во Лигата на шампионите, каде што игра одлично и победуваше убедливо екипи од типот на Веспрем и ПСЖ, но не успеа да слави во Битола кај Еурофарм Пелистер.
„Продолжувањето на договорот ме прави среќен и сум благодарен за сите можности и искуства стекнати во минатите сезони. Неверојатно е искуството да работите заедно со вашите синови и сакам да продолжам да го правам тоа – тројцата сме среќни заедно“, изјави Кошта.
Продолжувањето на соработката со тренерот е можеби знак дека неговите синови кои имаат договори до 2027 година исто така ќе се решат да ги прифатат понудите од Спортинг за останување на долг рок, а големите клубови кои ги бараат во своите редови ќе останат со празни раце.