По долгата пауза од скоро три месеци поради исклучувањето на Скопје и Гевгелија, стартуваше и плеј-аутот во Женската лига, кој и нема важност бидејќи нема испаѓање од единствената женска конкуренција.
Тимот на Овче Поле Славјански Универзитет славеше на првиот меч против Стружанка со 28-22, а најзаслужни за победата беа повратничките Јована Конева и Анастасија Сентовска кои искомбинираа 21 погодок.
Победата беше обезбедена уште во првиот дел, кога избраничките на Илија Бетувски водеа со 16-8. Најдобра кај Стружанка беше Маја Раткушиноска со пет погодоци.
Деспина имаше победнички старт, откако славеше против Ѓорче Петров 2 со 28-25. По 4-4 на почетокот на мечот, домаќинките кои беа предводени од Анастасија Јованоска со девет гола, поведоа со 9-4 и тука го решија победникот.
Разликата во корист на прилепчанки ја одржуваа во продолжение на мечот. Иако гостинките намалија на минус три во еден момент, сепак немаа сили да се вратат комплетно во мечот и Деспина рутински го одведе до крај.
Покрај Јованоска, кај Деспина се истакна и Маја Ристеска со пет погодоци, додека кај Ѓорче Петров 2, Марија Димоска имаше шест реализации, а пет пати погоди Кристина Наумовска.
Спартак славеше против Шампион со 31:23 (18;13), а убедливата победа на избраничките на Мицевски беше остварена со одличната игра во вториот дел.
Најефикасни во победничката екипа беа Марија Стојановска со десет, Зорица Андовска со осум и Ангела Гроздановска со шест погодоци.
Кај Шампион најефикасна беше Ангела Петровска со седум погодоци, а ја следеше Мила Филипова со два помалку.
Женска лига, плеј-аут, 1 коло:
Деспина – Ѓорче Петров 2 28-25
Овче Поле СУ – Стружанка 28-22
Спартак – Шампион 31-23