Комплетиран е стручниот штаб на женската сениорска репрезентација. Покрај Елена Ѓорѓиевска, асистент на селекторот Кристијан Грчевски, ќе му биде Дарко Јанев.
Јанев кој е селектор на младинките, работеше со Грчевски во кадетската селекција на ЕП, како и со Дамчевска во младинската селекција, а сега ќе работи и со сениорките.
Тука е кондицискиот тренер Тодор Филиповски, кој и претходно работеше со националниот тим, а стручниот штаб го комплетираат физиотерапевтите Ненад Добревски и Марија Танчева.
Женската репрезентација ќе има многу предизвици до крајот на годината. Од денеска ја очекува настап на „Трофеј Карпати“ и средби против Романија, Словачка и Швајцарија, додека во ноември следува настап на „Кроација Куп“, каде избраничките на Грчевски ќе ги имаат последните тестови пред ЕП 2024 против Хрватска и Србија.
На континенталниот собир, Македонија ќе игра против Шведска, Турција и Унгарија.