Комплетиран „бординг“ за Келн и Будимпешта – осум екипи ќе се борат за титули во младинската ЛШ

Познати се четирите екипи што се пласираа на завршниот турнир во Келн во младинската Лига на шампиони, а во битката за титулата ќе ги гледаме трите медалисти од минатата сезона – данскиот ГОГ Гудме, унгарскиот Веспрем и шпанската Барселона, додека наместо Еурофарм Пелистер, пласман во Келн обезбеди Фуксе Берлин.

Полуфиналните средби се закажани за 13 јуни, додека финалето е на 14 јуни во „Ланксес Арена“ во Келн.

Квалификациските турнири донесоа вистински спектакл. Бранителот на титулата ГОГ Гудме беше исклучително ефикасен, постигнувајќи дури 89 голови во Букурешт, од кои 42 во финалето против Спортинг. Фуксе Берлин дури и го надмина тој учинок, постигнувајќи 101 гол во своите натпревари против Загреб и Еурофарм Пелистер.

Барселона имаше потежок пат до финалето, особено во полуфиналето против домаќинот ПИК Сегед, но во решавачкиот натпревар убедливо го совлада Колстад со 40-17. Најдраматично беше во Веспрем, каде домаќинот славеше минимална победа од 39-38 против Магдебург, со гол во последната секунда и стана единствениот домаќин на квалификациските турнири што избори пласман во Келн.

Оваа сезона се игра и младинска Лига на шампиони кај дамите, а пласман на Ф4 во Будимпешта на 6 и 7 јуни обезбедија дури три унгарски екипи – Ѓер, Ференцварош и Дебрецин, како и романскиот ЧСМ Букурешт.

Младите ракометарки на Ѓер беа првите кои обезбедија место на завршниот турнир, доминирајќи во Пореч со убедливи победи против Подравка (32-24) и Хипо (32-22). Нивниот пример го следеше Ференцварош, кој во Загреб ги совлада Икаст (30-23) и домаќинот Локомотива (38-22).

ЧСМ Букурешт дојде до пласманот преку турнирот во Турција, каде по триумфот над Одензе (33-29) во полуфиналето, славеше и против домаќинот Кепез (35-28). Последниот патник во Будимпешта е Дебрецин, кој со убедлива победа над Есбјерг (31-20) го завери своето место, откако претходно ја елиминираше Борусија Дортмунд (30-25).

Интересно е што трите унгарски екипи ќе бидат предводени од дами на клупите – Кристина Пигницки (Ѓер), Јудит Грандпиер (Ференцварош) и Бланка Маријан (Дебрецин), додека ЧСМ Букурешт ќе настапи со уникатен мајка и син тренерски тандем, Александру и Елена Моисе.

Сè е подготвено за спектакли во Келн и Будимпешта, каде младите ѕвезди ќе испишат нова страница во европскиот ракомет.