Koлку заработи Еурофарм Пелистер од ЛШ, а колку Вардар досега од ЛЕ?

По комплетирањето на осминафиналните фази од Лигата на шампионите и од Лигата на Европа е направен пресек на износите што клубовите што играа(т) во двете натпреварувања под капата на ЕХФ ги заработија од европската куќа на ракометот.

Сумите што ги добиваат клубовите се смешни со наградните фондови во фудбалот, кошарката, па и тенисот…

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер беше дел од групната фаза, одигра 14 натпревари (за секој меч се добива по 10.000 евра), освои шест бодови, а секој бод вреди 5.000 евра, па битолчани добија од ЕХФ сума од 170.000 евра. Доколку од таа сума се одземе таксата за учество од 8.500 евра, тогаш македонскиот шампион оваа сезона има заработка од 161.500 евра.

Екипите што завршија на првото место во групите добија бонус од 20.000 евра, а оние што играа во осминафинале добија за секој од двата меча по 10.000 евра и по 6.000 за бод. За учество во четвртфиналето, заработката исто така е 10.000 евра и за освоен бод во четвртфиналните дуели клубовите ќе заработат плус 7.000 евра.

Дополнително, победникот во Лигата на шампионите ќе добие 300.000 евра, второпласираниот тим 225.000 евра, екипата која ќе заврши на третата позиција 150.000 евра и четвртопласираната утешни 75.000 евра.

Лига на шампиони, награден фонд:

Барселона 290.000 евра
Магдебург 275.000
Фуксе Берлин 270.000 евра
Алборг 265.000 евра
Нант 264.000
*Висла Плоцк 262.000
*Келце 251.000
Веспрем 248.000
Спортинг Лисабон 242.000
ПИК Сегед 233.000
*ПСЖ 231.000
*ГОГ Гудме 225.000
*Еурофарм Пелистер 170.000
*Динамо Букурешт 160.000
*Колстад 160.000
*Загреб 150.000

*елиминирани

Екипата на Вардар досега заработи 49.000 евра од настапите во Лигата на Европа. За секој меч екипите добиваат по 3.000 евра (18.000 евра), а за секој бод 500 евра (5.000 евра). Во главната рунда за секој меч се добива по 3.000 евра (12.000), додека за секој бод по 1.000 евра (8.000 евра), а екипите што се пласираа на прво место добија бонус уште по 6.000 евра. Ова значи дека Вардар досега заработи 49.000 евра.

За двете средби од четвртфиналето ќе добие уште по 3.000 евра, а за секој бод по 1.000 евра, значи може максимум уште 10.000 евра од оваа фаза.

Доколку досегашните 49.000 евра се намалат за таксите за учество во групна фаза, главна рунда и четвртфинале (1.950 + 1.300 + 1.070), „црвено-црните“ инкасираа 44.680 евра.

Екипите што ќе се пласираат на Ф4 во Лигата на Европа ќе имаат дополнителни парични награди – 100.000 евра за освојувачот на трофејот, 75.000 за финалистот, 50.000 за третопласираната екипа, додека последнопласираниот тим ќе добие 25.000 евра.

Лига на Европа, награден фонд

Хановер 53.000 евра
Кил 53.000 евра
Порто 50.000
Вардар 49.000
*Елверум 48.000
Монпелје 48.000
Нексе 47.500
Фленсбург 47.000
*Архус 46.000
Мелсунген 46.000
*Фредериција 45.500
*Кристијанштад 44.500
*Бенфика 37.000
*Кадетен Шафхаузен 35.000
*Гранољерс 33.500
*Бидасоа 33.000

*елиминирани

[insert page='euro2020-tekst' display='content' public]
[insert page='proba-2' display='content' public]
[insert page='24video-tekst' display='content' public]
[insert page='foto-tekst' display='content' public]