Ракометарките на Ѓорче Петров в недела пред својата публика ќе го одиграат реванш дуелот против Хорс од втората рунда во Лигата на Европа.
Ѓорчепетровки на првиот дуел, кој што беше одигран во Шведска, загубија со осум гола разлика, 29:21, па така избраничките на Симе Симовски ќе треба да дадат повеќе од потребното.
Членката на Ѓорче Петров, Марија Коларовска, ги истакна своите очекувања за реваншот со шведскиот тим и најави голема борба на теренот.
,,Атмосферата во екипата е одлична, мотивирани сме и веруваме во нашиот квалитет. Со целосна поддршка од стручниот штаб и верба една во друга целиме кон позитивен резултат и пласман во следната рунда од Лигата на Европа. Го играме реванш натпреварот во недела, сметам дека ќе ги намалиме техничките грешки и ќе пружиме подобар и потечен напад. Имавме време малку да одмориме после натпреварот, да ги оладиме главите, да го анализираме одиграниот натпревар и да ги воочиме сопствените грешки. Квалитетна екипа сме и треба да го покажеме тоа. Ќе се бориме 60 минути да ја постигнеме нашата цел. Оваа борба трае 120 минути, ќе се бориме до крај, ништо не е невозможно само треба да сакаме и веруваме во себе”, изјави Коларовска.
22-годишната ракометарка е голем оптимист за реваншот и посакува нејзината екипа да одигра според очекуваното, со помал број технички грешки, но и сигурни напади.
,,Мислам дека пресудно на овој натпревар е да ја организираме нашата игра со смирен напад и без многу технички грешки, да ја спречиме нивната полуконтра и брз пренос на топка. Кој е поборбен, потрпелив и повеќе ја посакува победата ќе ја добие, сепак, ние сме на домашен терен”, вели Коларовска.
Таа ја повика македонската ракометна публика да дојде во што поголем број на реваншот и да ужива во квалитетен ракомет.
,,Од името на целиот клуб ја повикуваме македонската ракометна публика да биде во што поголем број и да ни ја даде потребната поддршка која ќе ни биде мотив плус да ја оствариме нашата цел и да биде нашиот 8 ми играч”, заврши Коларовска.
Македонскиот шампион доколку успее да ја надомести високата негатива, односно да го елиминира Хорс, тогаш за пласман во групната фаза во второто по ранг европско натпреварување ќе се бори со Париз.
Натпреварот меѓу Ѓорче Петров и Хорс ќе се одигра на 13 октомври во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 18:00 часот, а влезот за сите љубители е слободен.